Качински имагинариум

Only you

can get me out of this hole I’m standing…

Only you

can give me back my life again…

Only you

can take me back to the place where we all begin…

Only you can

set me free…

(My boddy mouse:  Something to Cry About; 2009)

Полјаците се извлекоа. Го набркаа Јарослав Качински. Кај нас Јарослав Груевски е веќе шест години, благодарение на неговиот полу-брат, или полу- сестра, како милувате, Лех Иванов, претседателот на државата во која Јарослав Груевски  љубезно му го поклони местото претседател на државата,  а за возврат нашиот Јарослав доби… па,  во суштина ништо. Двајцата добија се’ за својата партија (минстерства, јавни претпријатија, амбасадорски места, управни одбори…), ама ништо за Македонија.

Изворниот полски Јарослав, појава која и овде не е видена, велам овде,  а мислам на Балканите, земјите во таканречена транзиција – беспрофитни друштва кои Европа ја подразбираат или третираат само  ако треба да се дрпнат некакви пари и на тоа слично. Значи Јарослав Качински, во времето додека владеел бил педесетосмогодишњак кој живее(л) кај својата  мајка, никогаш не отворил своја сметка, а(ми) парите ги добива(л) на сметката на својата мајка, се најде во ситуација да води една влада на една стара Европска земја со триесет и осум милиони жители, земја  која  има полноправно членство во „евроатланските интеграции“, земја која го даде (еден од моите најомилени писатели, прочитани!) Витолд Гомбрович и најголемиот пијанист на сите времиња, Фредерик Шопен.

Само две години на власт, премиерско-претседателскиот близначки пар направи општ  пичвајс и хаос, а Полска доби имиџ на земја на непријатни, пргави и паланечки ксенофоби кои од своите морално-интелектуални авторитети познаваат и признаваат  единствено  локалниот џмурлест селски поп  и надрнданиот локален тиквар кој секоја недела ги повикува како да се одбранат од силните непријателски хорди кои демнат  на  сите страни. Имено, макисмално ги расипаа сите односи со Германија однесувајќи се кон неа како сеуште Хитлер да е жив, а со Кремљ Сталин, на Европската унија и ги загорчуваа сите „животни“ функции, отворено и јасно потенцираа дека се за смртна казна, ги исфрлија од училиштата сите оние писатели кои го расипуваа(т) „јавниот морал на нацијата“, константна харанга кон непостоечката „хомосексуална пропаганда“, константен конфиликт со Чарлс Дарвин, ја покренаа таканаречаната лустрација која се сведе на истерување на вештици и малтретирање на недолжни луѓе. Може слободна да се каже дека во Полска се’ пропаѓало. Браќава Качински во суштина ништо не правеле освен што се занимавале со домашен квази-идеолошки егзорцизам и глупирање низ светот. Познато?!

Имено, Полјаците по својот грб ја почувствуваа и што е најважно, ја  окончаа приликата за својот хазардерски излет Од Онаа Страна На Умот, излет кој колку и да бил непријатен и бесмислен, сепак на Полска не и нанесе суштинска и непоправлива штета: ем траеше кратко, ем Полска во меѓувреме не завојува со никого. Ајде сега да погледаме во нашиот двор, како Јарослав Груевски и Лех Иванов  ги разбираат „државните работи“, грижејќи се за својот Св. Мандат.

Јавниот простор во Македонија  е голема канализација на човечката глупост и недговорност, простор на бесмислено потрошено време и енергија, демократизација доведена до крајност, до исклучок, до хаос, до онтолошка бесмисла; груевизмот јавниот простор го претвори во место каде помеѓу вистината и лагата повеќе не постои никаква разлика.

Вие може да му зборувате на Груевски, да го убедувате во спротивното, но нему ушите му се затнати, како на Одисеј кога требало да мине покрај сирените. Може да зборувате што сакате, се’ ќе биде залудно. Неговиот апарат, неговиот  ’рбет  отсутно ќе се смешка, се додека не помине опасноста.

Гуевизмот  во овие шест години го уништи  „јавното здравје на нацијата“, да се изразам метафорично, предизвика неверојатна декаденција (во антрополошка смисла) помеѓу луѓето, јавните институции наместо да бидат сервис „кон надвор“, тие ги претворија институциите за сервис  „кон внатре“,  односно – самотија на системот која останува без се’, без боја, без вкус, чиста форма, беспрекорно совршена како секоја роза. И ништо нема во таа темнина. Шест години, што би се рекло, заговараа морал, а Македонија се претвори во Рај(а) за неморал, јавен морал – тајно неморал. Лицемерие кое повикува на обзир(ие) и почитувања, на што никој не обрнува внимание.

Режимот затоа е режим, а не владеење и моќ, – неговата примара цел е да игра на картата на „неживи битија“. Режим кој самиот себе се сфаќа како сенка од доменот на виртуелната реалност, и кога некој ненадејно ќе доде да ја прекине струјата, едноставно сите би исчезнале, како никогаш да постоеле.

Интерпретациите на Груевизмот на јавната сцена се погубни затоа што бескрајно веруваат во разни случувања, а нивната бизарност и гротеска оди дотаму  што дури и не помислуваат на можноста дека реалноста е поинаква.

Груевизмот живее од илузијата на својата величина, меур кој може да пукне во секој час (зарем треба да потсетувам на секојдневните лудила? Треба. Ама за тоа во друга прилика), што би предизвикало катастрофални последици по неговите жители, одеднаш соочени со вистинската слика за светот и самите себе. Сликовито речено, огледалата би прскале секој пат кога некој би се погледнал во нив. Колку огнена моќ има груевизмот, гледаме, не само последниве години, ама и секојдневно, а колку гротескно малку памет, проникливост, елементарна еластичност на Умот… Човечност бре на крајот на краиштата?!

Што ни нудат: микс од истичњачки  и про-руско идеолошко дрдорење, надоградено и проширено со една анахрона и општа авторитарна визија која полека преминува  во чисто (с)врбување на секаква социјална група која живее и егзистира во државава, ни нудат  некаков неокомунизам, кој боже-ме-прости, некако чудно се најдовме, ама Тој, Господарот, ќе не избави сите. Како? Никако! Сето ова, драги другарчиња,  е безвезен и луд куриозитет на еден режим  кој во својата глава си замислил „мал, ама сладок идеолошки свет“, улога во која главната ролја ќе ја играат трабантите на Патетичниот Медиумски Театар, ќе терцуваат созвучја на неговиот Глас кој зборува и чини поголемиот дел на политичкиот врв во оваа наша, денешна, Македонија.

Македонија ќе продолжи да лумпува во нови расколи и катастрофи оти цврсто вети дека ќе мижи пред Вистината која нема да и се допадне; во ваква психотична состојба груевизмот  и Св. Спасители на нацијата,  ќе тргнат во поход  да ги спасуваат и’ новите дипломци, оние студенти  кои со дипломите зачекоруваат во светот на можностите, можности како во оние авантури на Индијана Џонс  кадешто Спасителите на Нацијата, со се врвните “академски“ титули(рања), ќе можат како стаорци-колонизатори, некои смешни, а некои опасни, да го освојат Светиот Грал?

Хм! Таков е тој парадокс: сите колективни илузии ќе им паднат во вода затоа што историјата не учи, преку случајот Качински, како  главните аздисани илузионисти завршуваат  или во затвори, или под земја или во глувчешки дупки, ама не – груевизмот упорно ја свирка својата игра – удира на  студентите со диплома,  со фантазмот:  ќе пристигнат ниви студенти,  а јас, мудриот Гуру, ќе ги поведам, или барем ќе ги посоветувам  своите деца? Гледајте, Јарослав Качински колку и да бил луд, човекот барем влегол во Европската куќа, па тогаш почнал да го крши мебелот, да црта по зидовите, да ги глода столиците и да лепи мастики под масата. Јарослав Груевски и Лех Иванов се однесуваат како единствена цел да им е никако да не влезат во таа куќа, надмено ја игнорираат и гледаат на друга страна (гледаат кон Св. Исток, можеби?).

Има ли овде воопшто спас од разрешување на овој безвезен и надри „идеолошки имагинариум“, па фино-лепо да видиме чија овца во чиј скут седала изминативе шест години и за чии агенди се борела?!

Нов бран андроиди

Нема сомнеж: доминантната политика на груевизмот е во потрага по нови „андроиди“. Само така, барем за мене, е возможно да се објасни „новиот бран“ – неговата примарна цел е потрага по нов генериран облик на живот, живот  кој ќе биде повторно невозможно,  чинителите на државните функции да ги разликуваме меѓусебно.

Кога Господарот ќе плесне некоја флоскула, на пример онаа која е актуелна: „НАТО држава“, тогаш сите беспоговорно ќе повторуваат „НАТО држава“; ако овај почне „Предавници е преполна државава“, тие ќе повторуваат по него. Приметувате? Новиот „бран“ на ДПМНЕ-овци е во потрага по нов и свеж Апгрејт – со еден клик, за брзо време, ново преструктуирање на нови државни службеници како не би ги изгубиле најновите информации за Флоскулите  на  (не)делата.

Што е целта на овој бизарен бран што го зафати владеачкото мнозинство? Се разбира, овие андроиди, или нивните конструктори и управувачи (спин-доктори) знаат дека не е ниту носител, ниту гуру, ни некаков бог-знае-каков-фактор во неговата еклектичка коалиција, ама „Народниот Мозок“ (завиен во Спин-Доктори) проценил дека се компромитирани (што објективно и реално се’!) и дека на наредните Локални избори со вакви и слични потези ќе успее да и наштети на конкурентската СДСМ, и на тој начин – околината да успее да се идентификува со нив.

Фамозниот „Грујо“, намерно лишен од личното име, некако дури не е ниту личност, туку некакво митско страшило, некакво Банално Зло во чија ужасна природа не е потребно никого да убедуваме  затоа што служи како Апокалиптично предупредување:  ако не бидете добри, ако гласате за Црвенковски и неговите, ќе ви дојде страшниот Грујо и сите вам… всушност, што? Ма ништо. Ќе појде во трешерското ток-шоу на Миленко Неделковски и Јанко (“прдеж- стрела“) Јади-бурек(овиќ) и ќе почнат да ги озборуваат и цинкарат нивните критичари:  предавниците, опозицијата, клетите Грци, Европа, Америка, космосот, стратосферата… Признавам дека тоа не е наивно, ама граѓаните, оние „обичните“ – преживеаја далеку пострашни работи изминативе шест години.

Имено, што е најбитно во ваквиот Груевистички „бран“? Ќе се прави, најверојатно, повторна агитација на веќе убедените – како на обожавателите така и на мрaзителите, или во превод: ќе пронајдат некаков лик и дело за повторна Дефамација заедно со новите државни функционери и’ ќе влијаат на она гласачко тело кое Левитира, односно, она тело кое начелно може да се приклони и вамо и тамо, исто како што би можело да си остане и дома. Е, ваквите бирачи, всушност, одлучуваат кој ќе победи – и затоа мора да шокираат со нешто, па  претпоставуваат дека со вакви „бранувања“ гласачите ќе бидат одвратени од можноста oд погрешен избор.

До тука  се штима, драг комшија, барем во теорија. Но да ве прашам сега нешто: Каква е оваа држава ако именката „Грујо“ и „Сашко“ -Џејмс Бонд предизвикува така страшни асоциации помеѓу граѓаните? Какви луѓе чекорат низ неа? Што им е во главата? Што им е во срцето?

Па, добро, повторно велите, нема проблем. О, има! Груевски и системот,  кој е распукан по сите параметри, и  кој го легитимира во крајна цел, покажа безброј пати низ годиниве дека е неспособен за државотворност, конститутивност, почитување и имплементирање на Европските закони и конвенции. Оттука оваа приказна е знаковито важна. Да знаеја,  преку  волјата  на граѓаните, а не да ги користеа само како „беспилотни летала“- ќе создадеа Конзистентна политика која ќе беше мноштво од идеји и вредности, кои секако се плуралистички; а ако се „боксуваат“ една врз друга, тогаш се создава Галиматијас, распад на секаква концепција, колапс на секаква продуктивна акција!

Во секој случај, треба да се следи „Грујо“ и сите негови националистички меинстрим дискурси. А, ако дочекаме да Никола Г.  дојде позади партиската говорница тажен, смушен, надрндан и лут, е тогаш нешто сме направиле, и да, за Македонија има надеж.  Се останато е “демихисарско“  трала-ла-ла-лајкање, безочно варирање на срамот и пропаста во илјада лекции, со овој или оној чиновнички бран, со оваа или онаа бирократска „испразнетот“. Андроид(и), човеку! Апгрејд, комшија! Ваквата  смена и(ли) „бран“ е ништо  поразлична  од табиетот (во антрополошка смисла)  на онај  луд  глодар, Сквики, од „Алан Форд“!

Идеологија на шиканирање и затварање

Кога човек е “приморан“ да се концентрира на суровата реалност, не смее да го изгуби надреалниот свет во кој  Груевски се опкружува  со неговата (контра)елита.

Го гледам  Премиерот  најправо на “Јади Бурек“ а потоа низ интернетот: интервјуа, изјави, гримаси, крстење во  свети  тројства, сечење на ленти, конференции, трибини, идентитети, опозиција, предавници, кодоши… Ваквата  меди(ум)ска позиција човека  го  анестезира, го “лула“. Старата информација  му  е претставена како нова, и обратно. Може појасно? Може!  Село гори а баба се чешла.

Има вечери во кои ме опседнува феноменот на извесна “нестварност“. Ги гледам клиповите на youtube на одредени ликови кои на Македноската јавност и се претставени како личности:  Влатко Ѓорчев и Илија Димовски; Миленко, Јанко и Латас. Мирка е жена која е сосем доволно да се стави во категоризација – “јас сум светот-светот е јас.“ Нивното јавно дрекање на собраниската говорница, прокетираната слика-тон-движење-медиум и’ пишаниот збор, всушност претставува една нова и “модерна“ парадигма низ “јавниот простор“.  Овие личности се толку “модерни“  колку што “Скопје 2014“ потсетува на Менхетен. Ги гледам, ви велам, овие ликови, легнат на грб в кревет, со полу-дебелиот стомак, слушајќи ги и гледајќи ги устата ми се развлекува во мачна насмевка, изгледаат  како некакви неживи предмети, како некаква голема топка за кошарка или карта за 3-Д кино во Кавадарци.

Сите, заедно со се  Премиерот  страдаат од вишок на “анимираност“: речникот, говорот, пишаниот збор, начините на кои беснеат – приложувајќи ни ги најголемите тајни на денешницава – изгледаат како некакви  Мапет Шоу –комедијанти (во зависност од конзумерскиот цинизам, нели?). Е сега, ликовите од Мапет Шоу не можат да ве sвекнат в колено. Овие можат (се сеќавате на заканата на Латас кон Фрчкоски пред изборите?). Ликовите од Мапет Шоу не можат да ви наштетат на ниеден начин. Овие можат (зарем треба да редам пример по пример? Треба. Но за тоа во друга прилика).

А сега сосема озбилно… Поседувајќи некаква рудиментирана свест (инстикт, мајсторе!) за политички  маркетинг, овие момци и оваа девојка  навистана се “самопроизведоа“, прецизно ги изградија контурите на она што претставуваат и на она  што го слушаме и гледаме низ јавниот простор, целото  е самопроизведено во дуќанот  “Кај шнајдерот Груевски.“ Со други зборови, лик кој – субјективно гледано – пати од некаков вишок на анимираност, истовремено се бори да се докаже како Шампион на автентичноста, како идеален менекен на еден поширок контекст кој се нарекува “геополитички фантазам“. Може малку појасно? Може. “Стратегијата“ на Груевски, не од вчера, и не за наредните  локални избори, се базира  на тоа да  сите негови главни конкуренти, како и сите останати кои некако ќе му застанат на пат, да им ја негира “автентичноста“, то ест имплицитно да ги уништи  нивните владејачки претензии меѓу Македонците; значи за разлика од него, сите останати имаат проблем со “неавтентичноста“: или не се прави Македонци, или не се вистински Македончишта, или се странски платеници, про-грчки настроени итн.Имено, сакам  да кажам  дека овие луѓе страдаат  од нашата добро-позната  “Македонска неавтентичност“: демек се’ e тоа културолошка-менталитетска „нечистос“, демек некаков остаток од комунистичкото наследство.  Ваквите  медиумски  знаци, на овие белосветски мислители завршени низ “демир-хисарските“ школи, не упатуваат на Хајдегеровите поими на  “Автентичност“ и “Неавтентичност“.

Се’ прочитав овие денови. Интервјуа, погледав видео клипови, трибини, изјави… Груевски и свитата се самодефинираат како некакви Народни Трибуни, лоцирани во “фантазмата на автентичноста“, безбедно оддалечни од Брисел, Чикаго, Вашингтон, завиени во Темниот вилает Македонија,  кадешто  никој не смее да се осуди да им каже како се прави реална политика, затоа што само Тој, Груевески, и свитата, можат и знаат,  како се води наша, домаќинска политика, на прав домаќин, Македонец .

Како што се самоизмисли во она својство во кое погоре пишував, така Груевски ја поима и суштината за Реал политиката  и поимањето за тоа каква треба да биде “народната интелегенција“:  Груевски е правиот Македонски домаќин кој мисли за својот “народ“. Да ве разочарам – таков лик не постои, а богами никогаш и не постоел. Имено, “македонски домаќин“ од  дискурсот на Груевски е чиста манипулација, архетипски образец  на една Пасатистичка културна носталгија.

Тоа што Груевски, од сето прикажано го чини „(нај)десен“ е тоа што овој човек е еден вид експонат на сите замисливи десничарски фантазми. Во споредба со него, Тој, Големиот, останативе ликови-јуришници – Влатче, Мирче, Јанче и Павловиќ(ева) се колебливи  еклектичари, хистерично-надрндани со лев популизам (а баш и таков е светонадзорот на десничарско-националистичкава  партија на  Груевски). После неговите изјави дека нема ништо од  ЕУ &  Нато, човекот сака, и чини  – Македонија уште долго да не мрдне  од ќумбезот на ајварот и ракијата; коњот и магарето. Не e ништо чудно, во самиот проект “Скопје 2014“ да се стави мермер-фигура на магаре како симбол на нашиот прогрес и разбирање на светот и векот.

Хистеричните изјави на Груевски предизвикуваат спирала од уште по-хистерични изјави на неговите трабанти кои со гордост велат дека сакаат да живеат во држава во која живееле нивните дедовци. Но ви велам, повторно, таа држава и таа Македонија на таквите дедовци  – ја нема – не постои!

Што е всушност  Груевистичкото „народњаштво“ ? Идеологија,  свесно и систематско непризнавање на Другиот/Различниот. А непризнавањето на Другоста/Другиот/Различниот е всушност “делот од себе“, непризнат, не реализиран  кој бара да го остават на мира за да може да преживее мирно и без поголеми потреси, уживајќи во својата нарцисоидна зачмаеност и затупавеност.

Затоа Другиот во Груевистичка Македонија е подлегнат на морален презир: тој е всушност “Јас“ кој не сака повеќе да биде;  Тој е одметнато  Јас, таквото  кукавички ја издало својата автентичност. Може појасно? Може.

Ако сте и самите меѓу таквите, а за тоа ви е потребно барем за почеток да не живеето во четири sида, Груевски вели дека има надеж: земете го вашето “Јас“ и ставете го во неговото “Ние“. Ама нели Хајдегер не учи дека во Меинстрмот или Јавноста “Ние“ не постои? Точно. Ама нема врска, после успешна “операција“ нема да постои повеќе “Јас“, и во тој случај само така во  Македонија ќе продолжи  “мирот“  и спокојот. Мир разбран како шиканирање и спокој разбран како затварање.

Ритам на деструкција и конструкција

Груевизмот е манипулација.  Филистeрство. Спин.  Лудило.  На почетокот на 2006. година добија избори на „бранот“ на Економијата и Иднината. Економијата е срушена. Остана иднината. Груевизмот „ја јавна“ иднината за да може да го менува минатото. Нивната „борба“ е борба „за влез“ во лабараторија во која ќе можат да ретушираат фотографии, повторно пишување на биографии и историја-aнтиквизацијата.

Синојка осамна вест дека се случило двојно убиство во Гостивар. Полицаец убил две момчиња „во самоодбрана“  – кавгата е автодискредитирачка:  синојка  се’ наруши  општата и страшна вистина за страдањата на граѓаните на Гостивар, всушност, зазвуче како Колективно страдање. Да ви кажам искрено (наречете ме се’ – само лажов не’) се почувствував издаден (како да ме издале сите автори кои низ годините ми извршија влијание, позитивно, верувам), и  оваа вест ја доживеав како еден вид  ироничен  виц. Тоа што двајца несреќни гостиварци заедно со несреќниот полицаец  ја „преживеаја“ судбината  „на денот“  не е ништо друго освен  „тиранија на политичката клима“  во која шест  години ја живеат граѓаните не само на Гостивар, туку и граѓаните на сите останати градови во провинцијата надвор од Европа, наречена Македонија.

Ајде  сега,  да видиме  за што  точно станува збор, драги W. Somerset!

Земете ја сета „банална“ кавга на овие тројца „актери“ и разложете ја нивната приказна во поединечна „вистина“. Ќе видите, сигурен сум,  дека секој еден, безмалку,  ќе се најде во ваква ситуација  ако само за момент изговара некоја своја „вистина.“ Ова се страшни времиња, драги мои. Време на колективитети и кооптирања. Вистината доѓа единствено ако Колективитетот на Груевизмот го прифаќа нештото  како „точно“ или „неточно“. Исправно-неисправно. Патриотско-предавничко…, итн. Имено, „(на)солете ја“  сета поп-култура на слични збиднувања, телевизиски пропаганди, постмодерни лудила и хоп! – вистината ќе ви звучи како лага, а лагата – вистина!

Во блесавиве  времиња на Мнозинството на Груевизмот, телевизиската-холограмска-гримаса ви доаѓа како еден вид Паралелен живот. Во ваков хаос  се  воспоставува ѓаволски балaнс: трагедијата ја влече својата фарса, несреќата својот цинизам, а бруталноста своето сочувство.

Малата држава Македонија и’  понатаму својата доминантна политика ја креира на лаж. Кулиса. Сплеткарење.  Имено,  ќе го споменам човекот  со кој воопшто политички  не се сложувам, a сепак има, во крајната негова  перспектива и своја максима, сo која ми се чини дека  е апсолутно во право:  Лагата е светонадзор на нашиот патриотизам и потврда на нашата втемелена интелегенција. (Д. Ќосиќ)

Секое лудило кое ни се случува низ нашите провинциски подруми на државава е одраз на нашето „не сакање“ за влез во Европа. А агендата на Груевизмот кон Европа е „децидно-лажен“:  седејќи си на маса, Груевски и администрацијата ја бркаат Европа како мува (некаде свесно, а некаде несвесно), со  истите  досадни шест-годишни зборови:  „нема да одиме скоро тамо.  Тоа се наоѓа бре на бескрајно долгиот стап, така што нема потреба да се блесавиме со тоа. Овде треба тврдо и јако“,  а таквото „тврдо“ и „јако“, драг комшија,  се префрлува и на обичниот Мејнстрим гласач кој мисли дека само така  ќе му донесе благодет и уживање на  груевистичката „мислечка“ влада. Пардон! – „државотворна“ влада,  во која ќе има можност да работи едно големо Ништо. Или, незнам дали се сеќавате на изјавата на Груевски кога рече дека, ќе се обидам да парафразирам: „Преговорите со Грција ќе траат уште пет години“, или во превод: „ние сме за Европска унија, но во неа да влеземе ‘достоинствено’!“ Или во попластичен (пот)континентален превод: „да влеземе вакви какви сме, и уште да ни воскликнуваат од воодушевување“. Што во дополнителен превод би значело:  да не влеземе никогаш ама дотогаш да испадне дека ние сакавме, ама душманите не ни дадоа; упс! Ле-ле-ле! Како ми се повраза: еве ви нов само-оплакувачки наратив, ќе ви потрае наредниве пет години додека не смислите нов! – „Бичиклиски, слушаш?“

Па, сега, сигурно си велите: „па добро. Работата е јасна. Нема проблем!“ Е не, има проблем и тоа ох-хо-хооо! Овде, сега, и веднаш!  –  е нашиот најголем фундаментален пораз во историјата на  плурална и независна Македонија. Во Македонија, од не-ме-интересира-кои-причини, полицаец испукува две момчиња (и после тоа ми се вели дека Груевски е мојот премиер, Иванов мојот претседател и Јанкуловска & Гордана мојата министерка за ред и мир!) – тогаш драги пријатели јас морам да им се спротивставам. Тие не работат во мој интерес и не работат за подбрување на мојата егзистенција.

Па сега, може и си велите – „џабе везеш, тоа е“. Е не е тоа! Оваа приказна има и свое тумачење и симболика која е ужасно битна: дозволивме „груевист“, „стваревист“, „трајковист“, „мијалковист“ и останат полу-свет да ја земе, да ја киднапира државава, да ја испости и да ја изопачи до крајни граници во кои „вилењаците“ и „господарите“ (тоа се нашите духовни  ништавила) да  го водат курсот на државава во 21. век, далеку од вистината, далеку од реалноста.

Далеку од реалноста, велам,  затоа што навистина не го знам времето  кога се случило убиството, и не го знам местото во кое се наоѓал  Груевски?  Агитирал ли во Демир Капија за „чиста“ Македонија? Сечел ленти или одел од  двор-до-двор со онај не’ cool израз на лицето: Ако сум ви грешел, почитувани граѓани, простете!  Мислам…, гледате што се случува, нели? Лошата совест влијае на  изјавите. Скриеното, маскираното, – сака  да биде откриено.  Всушност, несвесното работи неверојатно. Работи дури и кај оние луѓе кои низ годиниве докажаа дека совест немаат.

Што ми останува? Па, Европа! А од перспективата на Јанкуловска & Co. Import & Exsport ,  Европа како вечност е привремен проект, и тука се сложувам со министерката. Само не се сложувам со нивната десничарска-националистичка идеологија на која сите Европски, пријателски, добронамерни луѓе,  им сугерираат дека ќе мораат да се воспостават добри односи со сите земји во регионот. Под број еден. Под број два. Со самото пацифизирање на односите значи, дека ќе мораат да го средат односот со Грција. Ова е сосема најелементарната вистина еден-на-еден.  Ако се сака да се влезе во еден систем што подразбира стабилност и трајно отсуство на сите „ендемски“ и „архаични“ конфликти какви што сме навикнати низ годиниве, а тоа значи, дека секое потенцијлно жариште на конфликти од сите врсти мора темелно и „од напред“ да се пацифизира. Ваквата дефиниција која е суштинска за Македонија и нејзината интеграција за нашава десница неминовно би значело дека од „евроинтеграциите“ треба да се отстапи што побрзо, затоа што тоа е залудна работа, само поради фактот дека Македонскиот конфликт со Грција е од сферата на Незамисливото.  Како на ова одговараат исчашените интелектуални десничарски „пороевропејци?“ Со лажење и дрдорење бесмислени фрази. Преведено: мимикрија, мумлање, замаглување, замена на тези, кашлање (В. Ѓорчев), руменење на образи, спинување на теми, продавање жаби за тикви…

Претерувам? Ќе видиме во Мај, во Чикаго. А ќе се испостиме  долго и мачно.

Има ли некој присебен Оut There

Позади секој човек постојат афирмативни години, едните најчесто се обликувани од околината (тука мислам на државата), а другите најчесто се обликувани од семејството (тука мислам на “ориенталниот патерналитет“.). Имено, ако променливоста на светот се споредува со ефектот на громот, бидејќи и вселената управува со громот, односно вселената се управува со него, ајде да видиме каде е нашата Цивилизациска позиција на “вистинското“ сознание за битието, вклучувајќи го и човекот.

Како што ви реков, после ЕК (Јевропската “драфт“ верзија на Јевропската комисија – правец во кој Македонија мора да се движи!) државава сакале-не сакале, на некaков себесвојствен начин  “се развива“  пред нашите очи, па овие денови на долго и на широко се’ создаваат нашите патишта и животи  во таквата држава, да-бо-ме!

Животот  под  ваква  груевистичка номенклатура претставува јалов, штетен и губитнички не само во практична туку и во реална смисла, и во пркос на сите патетични прокламации – ваквата “државничка“ политика ни создаде живот на вечни нихилисти  – живот забиберен   под   маската на “политиката  на одговорност“,  а  таквата политика кога-тогаш  ќе се судри со сопствените лимити, односно – ќе се соочи со неизбежните консеквенци на „стореното“.  Груевски  и’  целата негова братија  сoздаде  една психотична ситуација во секојдневниот живот (а тоа го знам затоа што  сум жив!), така што со помош на Вербалната телевизиска пропаганда уште и создаде  насилие низ улиците: „Тепај го ближниот свој“ секако, во одбрана на идејата за изградба на црква на плоштадот во Скопје; понатаму  -  препораките на Европа отсекогаш биле да се разбере, ако се сака да се влезе, што точно  значи дискриминација и тортура од едно на друго човечко битие, но –  не!  Нам ни се случи убиство на младо момче со име Мартин Нешковски, а и не само Мартин, секојдневно се случуваат  и’  други лудила низ  локалните ендемски “подруми“  кадешто едните, но не и сите – влегуваат како  мејнстрим информациja. A по патот се е темно, опскурно  и м(р)ачно, пријателче!

И се е темно затоа што душата ти ја прават да биде посеана со сомнежи. Затоа што  само ако  интуицијата на индивидуалното е вистинита, фактот дека истовремените причини имаат истоветни последици е становиште кое тешко се докажува. Едно те исто тело може да биде студено или топло, благо или горчливо, влажно или суво, на едно место – но не и на друго. Сакам да кажам, без да завивам некакви алегорични трактати, имено -  трагикомичната и карикатурална  политика на лумпенпатриотизмот, до душа малку модифициран, не фрли сите во “Европски банкрот“. Имено, кога светот и Европа ти објаснуваат шест години дека има само еден извор  и два потока  – ти како по инерција го фаќаш оној полошиот, потокот  кој води кон Исток и кој реално и не’ постои – и потоа се прашуваш зошто ја живеам синтагмата  –  “пријатељу, пријатељу, марш у пизду материну?!“ (Р. А.)

„Тешко е“, би ми рекол Груевски.

„Те разбирам човеку,  тешко е! “, би му возвратил, „но зошто до-бога не се повлечеш и почнеш да се занимаваш со полесни работи?“

„На пример?“ би ми рекол Груевски.

„Па што знам, продавај пилешки батаци или свински полутки?“ би му возвратил.

Ма,  се шегувам! Знам дека десничарскиве “реформатори“ со се сета полу-писмена камарила ги заволе за Европа и правилата  по кои треба да се игра една “билатерала“. И тие знаат дека јас знам, ама не ми кажуваат – курназите! – секоја ден исчитуваат по една книга за Европските интеграции:

„Роле, што мислиш, заебано е, ама ќе им блебеме матер!“  а колегата Боле возвраќа  со аналитички Дух, оштар и’ како низ пушка: „мене  сето  ми е  проучено, Роле!  Се е тоа завера – ЦИА, ФБИ, Амерички дупелижачи и така тоа“, со сигурност констатира колегата Боле, и наведнувајќи се зема од лимените  пива – „глуб!“, „глуб!“, „глуб!!“, а  погледите на двајцата – амбициозни,  насочени   директно  кон Млечниот Пат.

Имено, има ли крај на оваа приказна? Нема. Се’ се  шири и се’ се продлабочува на сите страни. Наутро, министерот Тодоров,  ќе го изненадува Здравството со најави за бркање, а кога тамо ќе стигне: „Шалааа  мала бре луѓе, што сте се испаничиле – нема бркање! Нели гледате дека камермани имаше?!“    државнички министерот ќе ги смирува  вознемирените;  За време на ручекот – Лустраторите-инквизитори ќе формираат тела во кои „под лупа“ ќе бараат политичко-идеолошки „предавници“; За време на  вечерата  ќе гледаме како теоријата се претвора во пракса – во собрaнието секојдневен “Терор на Мнозиноството“ – дигање на рака и два прста, па ајде преброи: 1 (еден), 2 (два), 3 (три)… Тонч! Изгласано!

Таков е драги мои „падот во материјализам“ на Груевизмот; оттаму ја сркаат чистата мобилизаторска техника на пљачкосување и потпалување на страсти, а партизираната администрација,  судии, медиуми,  граѓани, Човекови Права (што е пак сега тоа?…)…?

Еее  Боле мој, кога ќе тргнеш по таква дива стаза нешто те тера да не’  застанеш, дури и кога ќе биде покорисно за тебе отколку за другите.

Минимализам за јавно добро

Неосвестеност

Се’ гледам себеси: седам во фотеља како четиринаесетгодишњак а на нозете имам патики „џорданки“; несвесно блеам во телевизорот на кој рипа и скока ужасно свесниот и физички доминантниот кошаркарски гигант со број 23. Тој разигран – јас скаменет. Гледам и неверувам – ги носиме истите „џорданки“. Неговите разиграни, а моите скаменети. Дрибла лево, дрибла десно, на него излегува Стоктон а овој со брилијантен ролинг од триста-шеесет степени го изминува малечкиот плеј на Јута и монструозно ја забива топката во кошот. Враќајќи се во одбрана некој гледач од првите редови извикува: „Еј Џон! Наредниот пат најди си некој со своја висина!“ „Машината за кошеви“ ги слушна овие иронични зборови и веќе следниот напад ја закуцува монструозно топката во кошот преку највисокиот играч на Џезерите. Публиката полудува а овој оди до гледачот-конзумент, и му вели: „Дали ти беше доволно висок?!“ Имено, ниеден кошаркар со кој сум играл не ми се пожалил дека Мајкл Џордан го одвраќал од интелектуалните и уметничките способности за да во текот на сопствента кошаркарска професија играчот сфати дека се наоѓа во средиштето на шпекулацијата со човечкото тело.

Големо промаршување

Проблемот настанува кога сфаќаш дека времето во кое си ја поминал адолесценцијата најважни ти биле славата и парите. Некои луѓе тоа го нарекуваат амбиција. Доволно беше „локалците“ да погледнат и да рашират: не промаршува; многу е добар; има нешто во ова момче; интерпретациите допираат до твоите уши – секогаш погрешно тумачиш, средината те прифаќа и тоа ти  е сосема доволно за самиот да се убедиш: не ја сакам славата и парите – јас сум скромен – сакам само да ја усреќам мајка ми и’ да и овозможам патување во Москва и’ да и купам лисица околу вратот. После шестнаесет години, ако ја прашате мајка ми, ќе рече: „Уште од малечoк беше амбициозен и остроумен“. А, ако ги прашате локалците, со сигурност ќе ви речат, „големо промаршување. ГОЛЕМООО!“

Против салмонела

„Не постои насилие над општото, како што мислат некои министри. Постои само насилие над луѓето и другите свесни и живи битија. Ако се скрши прозор тоа е насилие над оној чиј е прозорот“ (Владимир Глигоров)

Пред неколку дена, а тоа го знаат и малите деца (веројатно тоа е нивна еднинствена „играчка на интерес“?), се конституира стaро-нова влада. Добро, знам каде живеам и прилично знам со што се сум опкружен, па ќе кажам дека немам никаква илузија дека ова се старо-нови шибицари, „лежи мешко да те полнам“ и останати „празни денови“ кои Македонија ќе ја тераат во пропаст од едноставна причина: не умеат подобро.

Ние овде си имаме работа со опасни и бесскруполозни пучисти кои како што гледате нема многу да бираат реторика и сретства за да ги минираат шансите Македонија да зачекори кон Европската унија и да заврши лебдењето околу орбитата која слободно може да се нарече “Оргазнизирано Лудило“.

Оргазнизираното лудило во разни теориски контексти како политички „акт“ на оваа власт се преведува на следниов начин се со цел да се’ протресат разните мистификации кои се цел на тумачење: лоша поезија, кретенско „мудрување“, неписмени „дупеглавци“, лошо образовани опскуранти, секојдневен фашизам, ендемска сиромаштија и не пензионирани генерали и офицери и слична братија. (С. Басара)

Синојка, преку мојот Фејсбук профил напишав еден мој личен „аксиом“ кој имам впечаток дека го живеам: Драг пријателе, да споделам нешто со вас: мислам дека живеам еден “аксиом“ каде што имам впечаток дека овие луѓе на власт се’ навистина ‘кретени’. Значи ли тоа дека ако не се сложувам со нив, дека нема да можам ништо друго да работам? Значи ли тоа дека ќе ме зачукаат инспекции само ако за момент се обидам да почнам нешто да работам? Максимата е дека ова друштво овие ‘идиоти’ на овој или оној начин го обликуваат, така што нивните граѓани не им преостанува ништо друго освен да станат насилници, неработници…, да бидат безочни?! Се така си мислам. Ќе те остават да се убедиш дека ‘тебе не ти припаѓа ништо по регуларен пат’, и тебе (мене, нa сите нас) не’ ни преостанува ништо друго освен да бидеме бахати, луди, да се тепаме, да се закануваме и’ едноставно да влеземе во разни лудила. Е на тоа оваа власт нас не учи. Тоа е ДПМНЕ. И уште мислам дека оваа власт овие контури и овие саморефлексии не ги разбира. Она само се чуди зошто се луѓево такви какви што се. Незнам…

(…) „Незнам… Велам, тврдам – многу се злобни! Лукави се – ама на долг рок се ‘кретени’. Ќе направат (како што прават) опасни штети. У пизду матер ќе не отераат (простете на пцовката, може има некој со нежен желудник) и после пак ли ќе се вадат на Економска криза? Па секојдневно врескаат луѓето дека секојдневно ги  притискаат нивните мали и средни претпријатија со разни давачки,  само за да можат да го полнат буџетот. Па што не кажат дека се Банкрот? Па не сме бе магариња, бре!

И што сега да си помислам? Па луѓе, тие сето ова го прават намерно. Ги разбуричкаа најниските страсти на граѓаните, низ медиумите го раширија нај-гнасното дефамирање кон неистомислениците, кон поинакумислечките и различните, и секој еден со три чисти во главата знае дека сето ова нема ништо добро да и донесе на оваа ужасно несреќна и неуспешна земја; и тие што малку гледаат  гео-стратешки (Гео-стратешки – Еј, па каков е тој збор?) успеваат да го упропастат – ќе ни требаат ли некои пријателства од страна?; и А1 телевизија ја клекнаа на колена, ја уништија,  за Сител да го земе на „луциден“ начин терминот од 19. часот? Ма не, се е тоа смислено.

Нивната намера е јасна и недвосмислена: узурпирај, киднапирај ја Македонија, спроведи страво-влада на Антиевропско малцинство, и “раскај“ брату по опозицијата и сите оние кои се твои неистомисленици односно, оние кои ти зборуваат во крајна линија на еден поинаков јазик – новоговор, бре, братијо!

Значи, онаа старо-нова влада со се сето нивно гласачко тело пушти јасна порака: сега ќе видите што ќе ви правиме; сега ќе видите „чија нана црна вуна преде“. А на кого тоа мислевте? На Американците? На Европа? На Словенија? Не бидете блесави: мене, нас, на сите оние кои се на другата страна, проевропскиот мнозински дел од земјава Македонија, и против никого друг.

Никола Груевски сакаше мандат и го доби мандатот, е сега треба да направи сериозно кружење и да го неутрализира секојденвниот “политички“ олош и да ја придвижи земјава кон Европската унија, што значи – да направи сериозно мрдање на навигацијата. Дали Груевски може да ги послуша овие “ѓаволски работи?“ Немам појма дали може, ама знам дека мора. Во спротивно ќе биде одговорен за најголемиот пад на Македонија во поновата нејзина историја.

Во меѓувреме, останате будни, драги читатели, следете, читајте новини, веќе кога основните културни ресурси ни ги одзедоа: купување на книги, хигиена и патувања, без притоа да се запрашаме “чије мајче овој пат црна вуна ќе преде“.

Симболичка фасцинираност на Злото

Пет години бизарен и “постмодерен“ тип го убедува граѓанството дека неговата несвесна фикционализација е единствената  реалност во Македонија, која треба и мора да му се претскаже на граѓанинот.

Имено, вреди да фрлиме око на петгодишното владеење на Груевистите од еден поинаков агол.

“Константата“ 24/7 на почетокот од владеењето беше примена со некаков стремеж и воодушевеност, така што уште на самиот почеток почувствував сомнителни цивилизациски контури; испегланото одело и претставување на некаква наивна фаца, “Македонскиот Марло“ беше примен совршено озбилно но, во контекст на јасна и присутна опасност. И како таква, Груевски на почеток не беше ни добра ни лоша вест, секако, во зависност од конзумерскиот цинизам.

Во текот на петте години  се случија некакви кадровски промени (во кои се изредија и некои потполно бизарни ликови). Груевски нурна кон кадровско “народно“ весеље: постави луѓе кои во некои претходни ситуации зградата на владата можеа да ја видат единствено од перспектива на – кравјарник.

Се сеќавате на А. Спасеновски министерот „во милион ресори“?: оштар поглед, стамено лице; овој префинет господин чија етичка задача беше да не претставува пред останатата човечка цивилизација во “автентичен“ дух. Но, секако, тоа не е се: замислете ја оваа ситуација која безброј пати ни се случи во изминативе пет години од владеењето на Груевизмот: петчлена делегација оди во странство; нашите “хумани ресурси“: А. Спасеноски, министерот Наумовски, А. Милошовски и В. Ѓорчев. Дечкиве позираат на некаква слика, со цел – стратешки интерес на земјава, кезејќи ни се од некоја руска или проруска вукојебина.

Ги гледаш како весело се черечат низ фотографиите додека водата клокоти по масите. Репрезентативен петточлен хармоничен хор на една екипа на еднакви, супериорна потврда на старите Латини дека “Истото на исто се радува“. Сеопшта “демократизација на бавење со политика“ која во политичко-антрополошки контекст се лепи на Лениновата максима која проповедаше “готвачки и политика“; згрозени и раскусурени од елитистички предрасуди; антагонизам кон сите оние кои се занимаваат со Културњачка прогресија, оти овие последниве, како што гласно велат десничарските јунктури: ние сме против сите буржоаски духовни болести!

Имено, драги читатели, социјалната енергија на Македонското друштво последниве пет години под капата на груевизмот е еден вид “издишана шамрела“ во која што десничарските кадри можат да станат врвни кадри – а тоа им успеа – само ако се доволно бахати и несмасни. Ваквите и сличните на нив, функцијата ја користат исклучиво за Еманирање на ништо. Културна и економска беда; коруптивни лудила кои допрва ќе се појавуваат и ќе ја испишуваат историјата; излоацијата на земјава во годините што се позади, а богами и пред нас, претставува “иконографија на подрумска фешта“ која е својствена за сите оние авторитарни држави кои егзистенцијата ја сркаат на маргините на цивилизацијата.

Моралните импликации и компликации на ваквиот Тотален Маркетинг се јасни како солза. Но, во една “повисока“ смисла, па така,  и’ овој Пропаганден тип на водење на политика е рецидив и проекција на eдна мината но, успешна тиранија. Со други зборови, земја која потпаѓа под тиранска власт, а потоа – почнува да прави русвајат по околниот свет, доаѓа време кога ќе почне да се пере од своето трауматично искуство на „тираниди“.

Имено, загребете малку подповршината и ќе видите во моментов, кога очигледно е дека им се потрошија сите политички, економски и слични “идеи од желудникот“ на таа срамота и несреќа, – што им остана? Остана симболички репер на снага на “тиранинот како симбол“. И гледајте, овдека нема ништо “антигерманско“: вака функционираат сите популистичко пропагандни системи. И вака изгледаат сите “асоцијативни системи“ на мнозинството, таков е нивниот имунитет и таква е нивната симболичка фасцинираност на Злото.  И погледајте како идеално се вклопува една мала аналогија на годините под груевизмот: Authoritarian political ideologies have a vested interest in promoting fear, a sense of the imminence of takeover by aliens and real diseases are useful material. (Вокабуларот е превземен со се цитатот од авторката, теоретичарка и активистка, Сузан Зонтаг.)

Репрезентативните примероци се повеќе од видливи  како изминативе години Груевизмот уфрлаше кадри со племенска едноставност. Нивниот авторитаризам означуваше Ендемски почеток на една разбуричкана декаденција која ја опустоши државата и не врати, сите нас, во цивилизациски регрес. Тоа е таа духовна состојба, драг комшија – кога страшното ќе се преобрати во смешно, негубејќи ништо од својата природа.

“Филозофски“ гледано, нема никаков сомнеж, oва е нус-појава на едно шлакнато време; Груевизмот  ни објасни доста работи околу приказните за “моралната одговорност на интелегенцијата“. Проблемите секогаш ќе настануваат, за целиот век и свет, кога ќе се постават ликови со питорескна фолклорност, и кои ќе започнат да проповедаат слични вредности како овие погоре; нема сомнеж – царевата голотиња се состои и од селанецот кој кога ќе дојде папарацото во неговата близина, тој веднаш  разиграно ќе почне да позира – рефлекторите ќе блескаат, екипите ќе се смешкаат едни кон други, а сета бука ќе се одвива длабоко, длабоко во се потемната и помрачна Македонска ноќ.

Мутанти во ноќта

Дипломатот Никовски пред неколку дена ја “почести“ јавноста дека сето она што не е 99.097% “античко-македонско“ – да си оди од државата! Или во најмала рака нека “седи мирно“, оти…, оти “нашите“ се на оваа страна а оние “другите“, на другата; односно, амбасадорот Филип Рикер е од Пенсилванија, а Ерван Фуере – со неверие ќе крикне Груевистичкиот дипломат – Ирска, човече!, а потоа и ќе поентира – “имате ли претстава колку е далеку Ирска? Па тоа се цели пет часа со авион…“

Приметувате? Политичкиот критериум е јасен (а максимата “Се’ тече, се’ се менува“ на дијалектичарот  Хераклит,… – ма и’ Хераклит нека оди во мајчина!): Местото на раѓање е главниот политички критериум.

Р. Никовски е еден од советниците на власта. Никовски е советник на претседателот Иванов. И само Р. Никовски има “апсолутно право“ да одлучува што, и на кој начин ќе го советува претседателот; а оние што не се на негова линија, е таквите драг комшија ќе имаат релативно право – па дури и ако се директни Европски претставници или, Американски амбасадори! – “море, пиле,  кои се тие нам да ни кажуваат за нашето име, за нашиот идентитет, сиромаштијата, бесперспективноста, Европа, слободата, демократијата?“…

Имено, мојата мака не е кај глупостите и надразнетоста од простачкиот политички дискурс на “белос(о)ветскиот“ амбасадор – мојата мака лежи во… – како се степенува релативноста на “другиот/различниот“?  кога веќе странците ги апсолвиравме дека не се родум од Македонија, нели?

“Јас“ (наводниците ги ставам само за да не’ помисли читателот дека предничи мојот аздисан субјективитет) по некоја случајност сум родум од Битола. Во адолесцентскиот период живеев во Кичево, за пак, во некој друг (пост)адолесцентски период  да се преселам во Скопје. Во тој бувљак од “се-и сешто“ се запознав со мојата драга кој создаде/предложи/надгласа/ некаков “политички“ акт  со кој ме врати во нејзиното родно место, Кавадарци. Бидејќи се’ работи за љубов – истата ситуација би се одвивала и кога околностите би се раслоиле, да речеме и кон малезиската престолнина Куала Лумпур или Папуа Нова Гвинеја, така што муабетот ми лежи тука: Ако Груевистите џмурливо го поздравија Фуере “со-здравје да ми одиш и никогаш повеќе“, тогаш кој рече дека не  е само прашање на време кога ќе ги протераат и “оние“ кои не се “наши“, “автентични“ и во крајна линија…  па добога, и  таквите уште и говорат на еден “друг јазик“, различни се, а богами и “сомнителни“…?

Имено, ако се потрудиме да ја анализираме “релативноста“ на другиот, и ако веќе констатиравме, драг комшија, дека Р. Никовски е мнозинство-власт, и ако констатиравме дека е советник на претседателот Иванов, и ако констатиравме дека се наоѓа во некаков “центар на моќ“, тогаш повторувам: кој му даде право на Р. Никовски во мое име да протерува, да стигматизира и сатанизира релевантни политички претставници кои дефакто и дејуре тука се да помагаат а не’ да одмаагаат!? Па натаму се прашувам – според логиката на Р. Никовски: ако некој човек не’ е советник на претседателот Иванов, а живее на пример во Кавадараци – колку право има да се грижи за слободата, за демократијата, за името? – претпоставувам 65%? А оној кој живее во Куманово претпоставувам 89%? Оној кој живее во Прилеп претпоставувам 45%? Оној кој живее во Гевгелија претпоставувам 25%?  и се’ така до Ирска, Пенсилванија, Куала Лумпур и Нова Гвинеја? Е ако е така, бидејќи сум роден во Битола, го молам Р. Никовски да израчуна и да ми дојави како релевантен аналитичар и советник, колку неапсолутно право имам на грижа за името, идентитетот, слободата, демократијата…? И секако: ако не му е тешко на Рико – колкаво неапсолутно право имаат Ф. Рикер и колкаво неапсолутно право имаше Е. Фуере додека беше тука.  Да напоменам – не мора точно до процент да се (из)анализира бидејќи ќе одземе многу време фактот што едниот е од Пенсилванија, Америка, а другиот од Република Ирска.

Видете, една од најистакнатите банални вистини за целиот век и свет е дека луѓето најлесно можеш да ги насмееш одошто распалачеш. И наместо Груевистите, после петгодишно опустошување да се запрашаат “како“ и “зошто“ – зборчиња кои бараат и малку мозок во онаа сврха која Бог ја дава – на незаштитениот читател му се нуди (прање мозгова е повеќе од позната синтагма) параидеолошки одговор преточен во битието наречено Р. Никовски: „дајте бре ние да ги скинеме од вратот, па после ќе оди се полесно! Има да пропееме!“ Е дотаму, драг комшија оди националистичкиот ум кога сака да биде “духовит“ и “прониклив“. Не може кутриот подалеку, толку му е главата! Ќе земе да ламентира, ќе почне да анализира гео-политички консталации и на крајот само ќе произведе органски “пуфеш“ со страшно непријатен мирис.

На самиот крај, оваа несреќна фигура наречена Ристо Никовски не учи на што? Освен што не учи дека “баналноста е неуништива како пластична боца (Д. Киш)“ – не учи драг комшија дека десничарските струи задоени од Груевистичката матрица се всушност порнополитичка имагинација која не опоменува дека истата лебди во некакви сомнителни трансидеолошки и транснационални имагинации. А ова е премногу важна лекција. Предрасудите – да го повториме ова за оние кои не внимаваат до крај – немаат предрасуди, а оние кои не се “од тука“ со умот, јазикот, различноста, светогледот –  нека се борат до крај, затоа што Груевистите имаат план да завладеат со мракот како во најбизираните параидеолошки приказни од минатите времиња.

Преродбенички пасатизам од минута во минута

Метрополата во својата нај-бенингна форма ја сочинуваат или ја претставуваат, во најмала рака што би се рекло – неколкуте различни култури. Паланката во својата нај-бенингна форма ја означуваат „етнички чисти средини“ или, што би се рекло (види богати, па тоа ни се канонизира и’ во службениот говор?): „Нашите тука“, а друото „Јас“, бесрамно ќе рече: „тамо…, тамо од каде што си дошол, пријателче“.

Пред извесно време Банда „непознати сторители“ создадоа случај „Кале“, а со тоа докажаа една мошне интересна Културна диверзија створена во профашистичките лабаратории на сите оние десничарски групи и подгрупи, мотивирани и „осоколени“ од матицата која е на власт. Што директно а што индиректно. (О.П. Н.Ј)

Како човек кој себеси се смета за пристоен граѓанин, кој е секогаш за почитување на редот и законот (законот како врвен дух!) и како некаков „блог-јавен работник“ (што и да значи тоа, нели?), каде во прв план (кога станува збор не’ само за пишаниот збор) – испливува мојата етичка обврска да промовира Граѓански добра и врелини; па, оттука, ред е да изразам „згрозување и осудување“ за случајот „Кале“ и бандата хулигани:  „Уф бре, битанги едни! Како бре не’ ви е срам; така ли и’ по дома се тепате и мајките на ‘она место’ си ги терате?“

Ете, ја извршив својата граѓанска должност и се дистанцирав од малоумниот чин кој ќе… бла-бла-бла и кој уште еднаш ќе докаже дека… тра-ла-ла-ла-ла, а и сите оние здрави друштвени снаги би требало да … гњав-улав-убав, удав, па така – ќе рипнам неколку временски дистанци, и ќе пробам да се позанимавам со оваа приказна од еден поинаков (а)гол.

На „Калето“ бандата развиорени хулигани извршија „акцијашки“ десант, видено со свое голо око и своја „поинаква“ ментална матрица, една сосема и поинаква „културна забава“. Се тoлчеа, се шиканираа и се маваа со камења, непознавајќи си културни разлики, цели и амбиции. Со еден-два збора – си најдоа децата нова алатка за играње. Другиот (а)гол би можел да претставува тотално несвесно дејание на иста банда хулигани кои се затворени и репресирани од еден „паланечки режим“ кој по дефинција е репресивен, и со самото тоа, неможејќи да се „осознаат“, осакатени од Јавниот сервис (здравство, суд, образование итн.), неможноста за никакво  Јавно Добро, децата си земаа, што би се рекло „ножиња и камчиња во рачиња и ај да видиме чи(ј)е мајче црна вуна преде!?“

Понатаму. Паско Кузман, човекот кој ја „обогати“ нашата канонизирана уметност и човекот кој на широките народни маси – преку нашата мила ем драга ни преродба! – ни придојде како некаков татко на Градската Уметност; прастариот часовник кој овој чича, изнакитен од „подлактицата“ до „надлактицата“, ни ја објаснува чистата сомболичка вредност како еден Уметнички Бирократ и слуга на „преродбеничкото“ опустошување ја гледа и ја разбира уметноста која ја споделува со неговите комшиски „сурушлии“ и комшивски „земјаци“. Чист уметнички „акт“ кој некаде по белиот свет сигурно би добил некакви белосветски награди. Е сега, ве молам за малку концентрација, затоа што не се сомневам во вашето прашање: „А каква врска имаат часовниците на нашиот драг и ‘преродбенички’ Градски Уметник, Паско himself?“

Имено, часовниците може и да се тумачат на следниов начин: „Алооо! Хулигани! Времето проаѓа. Времињата се менуваат, вредностите се трансформираат! Неможете да го скамените Духот во вашиот стар облик на пасатистичка свест и малограѓанска имагинација, па само вам да ви се чини подобен и погоден!

„Калето“ не е ништо друго освен еден Репрезентативен симптом на една групација на луѓе – идеолошки „десна“ и преродбеничка! – која шири еден дух кој е перманентен и иманентен… – конфликт со „оние“ луѓе кои со својот дух и значење драстично се издвојуваат и се различни. Во ваква микро-средина нашиот Градски Уметник, и неговите свети (тројстава, богови, тотеми, цркви, попови, патерналитети и слични тракатанци) и антички (корења, фала богу!) џугур-буѓур, означуваат една парадигма која е канонизира и која влегува во јазикот,  а потоа доаѓа познатата флоскула преточена во нашата општо-позната секојдневна синтагма –  „вечениот малограѓанин“. Па така, драги мои, пробаш ли да осудиш варвари, фашисти и разни Античко- месијански уметници – ти си братко дивергент „NO.1“, отпадник за целиот век и свет. Предавници, изродбенички копилиња, педери и наркомани… Па ја ли, драга комшивке и уште подраг комшија ги преплавував Јавните Сервиси со ваквите профашистички изблици – директно од малиот мозок?

На самиот крај, нема многу да претерувам во некаков си „бунтовнички ракурс“. На ваквите лудачки проекти кои доаѓаат директно од „десните“ центри треба човек да им се спротивстави со книги. Било да е проза, било теорија; било директно да им посочиш некој автор; еве, поезијата на Буковски, или прозата на Рејмонд Карвер… или што знам, ебаго, Орхан Памук е супер автор – Нобеловец, или… абе трк на ОКНО.МК – имате тамо голема архива, имате списание Маргина кое сосема ќе ви дојде ОК како за почеток.

Ајде НЕ! – Вие десничари, вие хулигани, арамбаши и лопови, баталате се што ви реков: еве пробајте да зборувате правилно литературно Македонски, ама под еден услов! – пробајте во вашите говори да ги пронајдете и акцентирате сите словенски падежи во Македонскиот јазик (ете, нема да ви дадам овој пат нешто потешко, ко лингвистика и етимологија, да речеме)! Ова ќе ви дојде сосема добро како за промена, ја за вас срцка, а вие нас  ќе не спасите, или барем „за момент“ ќе неутрализирате некакви  нови лудилa  кои евентуално би се заканувале  директно од вашите десничарски и (про)фашистички културни миљеа и подруми.