Зошто посакувам да сме коњи

Незнам дали сте приметиле како едно дете од 7- 8 години пишува? Тоа пишува, а богами и слика, на еден фин и едноставен начин нетрудејќи се на сила да постигне некаков ефект. Тие зборуваат за се што знаат, а потоа застануваат.

На овај начин јас ја доживувам приказната „Скопје 2014“. И мислам дека ние со овој спот не сакаме  да бидеме разбрани  дека имаме некаква намера  да ги потцениме нашите „идни“ туристи. Тие фино-лепо ќе си дојдат во 2014 год.  и ќе го посетат нашиот град; ќе се sверат во скулптурите на Александар, Никола Карев, споменикот на паднатите херои на Македонија, скулптурите со коњи на кои нашите племенити историски духови ќе можат, во  фантазијата на странците,  да втрчуваат-истрчуваат низ Портата на Македонија, а ние презриво, облечени по бермуди, ќе им се чудими на будалаштините на некаквите  луди Автсријци или Холанѓани.

Тоа што се вели за човекот се вели и за коњот: „Тој беше племенит коњ“.

Не знам што ќе се случува со Скопје. Ќе апелирам до градоначалникот Коце Трајановски најсрдечно и најпријателски, затоа што после овој спот „Скопје 2014“  мислам дека некој има пуштено плински гас во подземјето на улиците, и уште мислам дека тој се шири со апсолутна прогресија низ „шахтите“ покрај булеварите и помалите улички. И додека нашиот граѓанин, во 22 часот ја тресе престилката на која вечерал,  а во позадина свири милениумската песна на нашиот херој Тоше – „Кој ли ти гризе образи“, граѓанинот како во бунило да приметува, ама не е до крај сигурен,  коњот на Александар претрчува на Рекорд, а позади, на семафорите наспроти  Чичко Стоилко – седнат  Александар – мртов пијан се чепка во џебот и проверува  што останало  од него освен  тешкиот мермер?

Возможно е – фикцијата која ќе се прелее на „странците“ да не зафати и нас, граѓаните на Македонија: патриотите, горделивците, шминкерите, снобовите, алтернативците, (у)бразованите, безобразованите, неписмените, писмените, саркастичните, мртво- озбилните,  предприемачите, идиотите, налудничавите, лудите…. Ух, јеботе, зошто приметувам дека како и  вие да приметувате дека се надsира и споменик на некаква Психијатриска болница каде во дворот на институцијата има послано огромно шаторско крило а на нив поседнати луѓе со бели наметки… Велам возможно е. И тука веднаш застанувам.

Коце, друже, а зошто да не се посомневам дека ТИ со Авион-прскалица, пред да го пуштите клипот во јавност, немаш поминато околу Скопје и го имаш „попрскано“ целиот град? Да, да, „прдалицата- прскалица“ која наместо да прашите во Април покрај кејот на Вардар против комарци, ти може ја имаш пуштено уште сега? Или пак нервниот плин е толку јак што ваква нирвана е незапамтена во нашава поблиска, а богами и подалечна историска сондажа?

Во право беше баба ми: „Синко, глупоста и кичот немој никогаш да ги потцениш“.

„Секоја година од лош до полош гостин доаѓа во мојов локал“, ми вели еден газда на ресторан. Пред  да продлжам со муабет да ви кажам дека ужасно ме пиздат луѓе кои грубо моразлизираат околу тоа дали едните во угостителската сезона се полоши од другите во другата угостителска сезона. Ужасен е ваквиот фашистички менталитет на нашиот угостител делејќи ги луѓето на класи: пристоен- неприсоен; селанец – господин итн. Небаре се работи за некакви угостителски зелки: „оваа е тврда, а оваа е неузрејана“, и така до бескрај.

Граѓаните на оваа држава одат на летување или зимување кајшто  можат. Пиперките и ајворот во една, а патлиџаните и зимската салата во другата рака. Тоа е едната слика, а другата е: граѓани кои за една вечер оставаат по петстотини евра по ноќ.

Ако мене ме прашувате  треба под еднакво и средечно да се прифаќаат сите луѓе во сите угостителски објекти, во спротивно,  ако сте во моја близина, бидете сигурни дека кој и да сте угостител ќе ве испратам така сочно во пизду-лепу-материну да нема да знаете каде ви е главата а каде газот. Е, бидејќи „газдата“ (јебига, ова е феудален термин, „стопан“ исто така) беше мој пријател, му велам: „Што им нудиме преку целата сезона, добро е што сеуште ни  доаѓаат“.

На будалаштините никогаш крај. Ќе дојдам во 2014 год.  заедно со мојата фамијлија во Скопје. Ќе се качиме на главата на Александар; на самиот врв  ќе се постеле огромна плоча на која ќе има ставено маси и столеви. Ќе се врти скара, сланина и некој познат евергрин, а седењето ќе биде со закажување однапред. Значи закажуваш и чекаш; кога ќе дојде денот ти ќе се приближиш до скулптурата на Александар, а келнерот ќе ти фрли јаже кое ќе биде поврзано со газот на Александар;  во желудникот ќе има вградено „трака“ која ќе може да врти, а на неа ќе биде, благодарениe на моторот,  јаже  кое  луѓето ќе ги влече, еден по еден нагоре се до мермерниот тањир. Тамо,  на главата од Александар, луѓето ќе уживаат во пријатната атмосфера.

Луѓето што нема да можат да закажат ручек со својата фамилија, презриво чепкајќи се во носот, ќе гледаат нагоре посакувајќи оваа лакрдија воопшто да не се случеше.

„Ах, колку добар и племенит човек замина на оној свет,“ вели мојата балдска.

„И Блажко, мојот другар, драга моја балдске така велеше за својот коњ“:

„Ех, колку племенит коњ замина на оној свет.“



2 comments ↓

#1   Global Voices Online » Macedonia: Online Rebellion Against “Skopje 2014″ Plan on 02.06.10 at 2:45 am

[...] only note that this development is not a joke [MKD], even though it looks like one. Nenad Jovanovic quoted his grandmother [MKD], who used to say: Son, never underestimate the power of stupidity and [...]

#2   Все о фильмах » Да, господин министр: Сезон 2 (2 DVD) – Yes Minister 2 DVD on 02.25.10 at 10:02 am

[...] Зошто посакувам да сме коњи — JOVANOVIC.blog.mk [...]

Напиши коментар