На сите ќе ни биде поубаво во рајот, поготово ако е кучешки а не човечки
Неверојатно е како Македонија функционира. Неверојатно во какви противречности живее, а се плашам дека има многу малку луѓе кои ваквите нелогични тумачeња можат да ги рационализираат.
„Борбата против корупцијата“. Оваа дефиниција мене ми звучи како некаков Ритуал – „Борба против корупција“, ви звучи како ритуал? Премиерот и Претседателот го мантраат овој ритуал: „Борба против корупција.“ Па имаме повторно Ритуал: „Борба против корупција“ ако e ден, „борба против корупција“ ако е ноќ – и толку.
Ако претседателот на Македoнија нешто каже (новинарите ме неривраат кога велат „Претседателот на Македонија ‘изјави’“ – тој не изјавува, тој кажува, зборува, говори, нели?), тоа мора да има некаква тежина, мора да има длабока и морална смисла. Мора да има некоја логика во неговото зборување, а ако пак претседателот е од владеачката партија, тогаш ако неговиот говор е климав, нејасен, нелогичен, последиците треба да ги сноси владеачката партија. Меѓутоа што се случува: нашиот Претседател на државата најавува, после премиерот, разбира се – сериозни борби против корупцијата и промена на името. Гледате и сами, човекот нема некои посебни аргументи – овие врвни приоритети на државава немаат озбилни последници – кога велам „последици“ мислам на решавање на проблеми. Мрдање кон напред?
Ако за момент ја отфрлиме централната власт, а знаеме дека постои и локална власт, тогаш и тие имаат некаква потреба од „грцкање“, „мантрање“, „лушпње“, трлање“, „рендање“ итн. Ме разбирате? Ајде по ред.
Ако ја бараме целата слика ќе видиме како некаква „сивна зона“ да ни шета пред очите: се е некако крвнички; лошо; желудечно;. Во здрава демократија или – ако е оваа саглам држава најмалку што треба да се случи е пад на владата, или да се изврши некаква реконструкција на владата. И најнормално би било кога тоа претседателот на државата ќе го најави. Ако Скопје како главен град, односно Скопје како главен град на цела Македонија во кој „живурка“ некаков „латентен“ коруптивен сурогат, тогаш велам, претседателот е тој кој треба да најави пад на владата или реконструкција на владата. Затоа што нема никаква борба против корупција или нема „влечење на напред“ кон Европа и кон Нато.
Да го парафразирам Маркс: „една работа може да биде трагедија, другата комедија, а третата и четвртата, петтата и шестата може да биде само потсмев кај граѓанинот“, што реално и се случува.
Мене искрено ми е жал што условно речено „мојот“ претседател го губи својот кредибилитет. Што да му праам сега – што не ја откажа кандидатурата? Или пак сега да почнам да го цитирам Рамбо Амадеус, веќе кога се отворив: „Невероватна је та ствар кад почне лова да пристиже како ти одма зине гузица на неке ствари. И колко год бесмислено зараѓујеш новац, толко га и бесмислено трошиш (во случајов со се претходно – говорење безвезни безвезарии што немаат врска ниту со мене и мојата фамилија, а богами, нема никаква врска и со реалноста.).
Јас претседателот на мојата држава го замислував како човек кој јако малку говори, ама кога ќе говори – тоа мора да има силни последици.
А вака што: што живи мајка ние имаме постигнато со реформите, економијата, Европа, Нато, корупција, здравство, ајвари, сирења, јаболка, грзоје, образование…. Што бре?
Не е повеќе битно за толку мал народ од само два милиони граѓни дали владата ќе уапси двајца или тројца дилетанти или декадентни ѓубриња, проблемот е што јас повеќе не верувам во овие институции. Не верувам како што и реков на самиот почетокот, се’ се најавува ритуално: „Еве сега се живо ќе уапсиме“!. Како бре да поверувам на овие будалаштини кога проблемот е системски; како сега да им верувам на овие пораки? Моето опкружување ми кажува дека во се она што ме убедува владата нема никаква врска со реалноста, како прво, а како второ, ужасно ме потценува со овие пароли и пораки. Првата „когнитивна“ ствар ми вели „Па со кого бре вие се заебавате?“ А потоа ме „удира“ депресијата и разочарувањето. Ај да бидеме малку возрасни: Колку граѓани навистина веруваат дека владата може да се справи со корупцијата или пак да ја однесе државава во Европските перспективи?
Макс Вебер вели: „Кога еден цивил/граѓанин ќе види дека борбата е популистичка односно реторичка, тој стекнува морално право да биде соучесник во самата корупцијата.“
Што прави еден градоначалник? Што прави еден директор? Што прави еден чиновник во бирократскиот апарат? Што прават сите овие луѓе на локално ново, надвор од врхушката кога ќе ги слушнат овие пораки од најголемите функционери на една држава, во случајов нашите? –Ништо, само добиваат „Бланко чек“ за нивно понатамошно занимавање со коруптивни методи – совладување на ситни интереси потпомогнати од корупцијата – нивната единствена компетенција.
Со самиот овој општествено–социолошки импут, звучи малку парадоксално ама мислам дека функционира – Господа функционери, продолжете да се корумпирате!
Има некоја смисла, нели? Устите на сите има се полни со Економската криза. Прашањето е: Во каква морална кондиција се наоѓа ова Македонско друштво за да може да ја преброди таа криза? Или било која криза? Мене ми паѓа на памет дека ние сме магнет за кризи затоа што ние сме слаби во таа условно да ја наречам „морална кондиција.“
Во рајот ќе биде се убаво, а дотогаш да му се препуштиме на „бранот“ на шовинизмот, расизмот, национализмот, реторичките војни и прдењето пред нашите телевизори. И додека ние си живееме и ќе продолжиме да си живееме во „липа наша“, да не ја потцениме втората екстремна десница која не е во власта – втората екстремна десница е како „бекап“ и се шета по вашите улици, стадиони, мава низ вашите плоштади, ви се заканува. За жал, наше е да одлучиме што ќе правиме.
Или пак, може на сите ќе ни биде поубаво во рајот. Поготово ако е кучешки а не човечки.