Не го читајте МЗ околу новата здравствена реформа затоа што возможно e да умрете од печатна грешка
Синојка се загледав клипчиња на YouTube кои на некој начин беа повразни со мојот живот од пред 14-тина години и времето кое беше генерално безгрижно; размислувавме за нашите соништа – што ќе бидеме кога ќе пораснеме – „чисти“ детски лудила (замислете дете кое оди во прво оделение и има клемпави уши? – толку околу чистината на детската имагинација и однесување).
Како да гаевме некаков морал, размислувавме и верувавме – несвесни дека околината не обликува и друштвата со кои бевме опкружени ни „пуштаат“ некаква боја која лесно можеше да не’ исплакне – да дојде некоја друга, трета боја, или така нешто.
Мајка ми имаше проблем пред две години со срцето. Доби „стенд“ и се се’ заврши како што треба. Ова случка ме потсети следејќи го овие денови Министерството за здравство и’ нивните декларативни реформи во стилот „Суштински промени во ЗДРАВСТВОТО“.
Да бидам искрен – нема око да ми трепне ако некој министер „рикне“, а знаете зошто – затоа што МЗ се тотално рамнодушни кон „новата“ реформа во нашата мила и напатена Македонија.
Момчето од доктор, министерот Бујар Османи излегува на телевизија, сите го знаете, и вели дека реформи се спроведуваат и уште вели дека тие се спроведуваат со максимална прогресија. Ако не ви е јасен министерот за здравство, тогаш се надевам немате проблем ако јас ви ја опишам здравствената реформа:
„Aко немате пари – лелекајте; ако сте болни од бронхо-пневмонија – офкајте и кашлајте; ако треба да ви вградат стенд – продадете ја нивата; a ако пак сте болни од рак на било што – продадете ја куќата.“
Насетувате што сакам да ви кажам? Државата нема да ги лечи сиромашните. Помирете се. Помирете се и со новата реформа за здравството, помирете се и со агендата „Суштински промени во ЗДРАВСТВОТО!“ – лекувањето е за богатите.
Додека беше жива мојата бабичка, ми кажуваше дека еднаш порано беше се поинаку. Луѓето се лечеа без никаков проблем. Ако државата требала да воведе некакви реформи не’ им ги кинела бенефициите на сиромашните. Ако тој систем беше во се погрешен, барем беше добар во таа емотивна и сочувствувачка реаланост – „помогни му на другиот“.
Пред неколку дена бев на лозје, и работејќи, еден селанец ми вели, „кога човек ти дава некаков лек, апче, илач или слично – не треба да му велиш фала“. Ме погоди. Ама онака до срце ме чепна неговата топлина и искреноста и начинот како тоа го кажа. Има нешто исконски добро во нашиот селанец, сфаќаш дека е тамо долу, на маргината, сфаќаш дека работите како да се нормални, човечни и приземјени (В. Гомбрович).
Гестот на селанецот го разбрав на следниов начин: ја ти помагам тебе, а ти ми помагаш мене. Некаков реципроцитет, тивок и без помпа, човечки. Една здраворазумска човечка солидарност која на сите ни е потребна. Ако јас му помогнам на човек и му дадам апче, тоа значи дека кога мене нема да ми биде добро, кога ќе бидам и јас болен, очекувам дека некој и на мене ќе ми помоге, ќе ми даде било што само да закрепнам, да оздравам.
Не би сакал да бидам патетичен ама сите знаете како е кога човек лежи во некаква болница. Ќе те облечат во некаква пижама која има неодредена боја; креветите се челични и крцкаат до полудување. Неколку дена престојував во болницата во која лежеше мајка ми; седнат на стол блиску до креветот на мајка ми, во време кога жената се опоравуваше од операцијата. Таа спие а јас, во доцните саати го наслушував „крцкањето“ на тие исти кревети од соседните соби, влечењето на кломпите на докторите и персоналот, мафтајќи се кон лифтот до собите и’ повторно назад. Миризбата на некакви оштри отрови се „лее“ низ целата атмосферата во таа зградурина, а чистиот воздух е сосема далеку, сеедно дали ќе го отвориш или затвориш прозорецот.
Знате, пресреќен бев во времето кога ме обликуваа друштвата, околностите, и кога некакви бои како да се разлеваа во мојот дух и ја менуваа формата од една во друга; пресреќен бев кога ќе се изградеше некоја спортска сала или игралиште во кое ќе можев да шутирам и трчам по цели денови; пресреќен бев што (од оваа перспектива гледано) неморав, или несмеев да мислам на ништо друго. Тоа беше она безгрижно детство во кое светот на возрасните изгледаше премногу далечeн.
Ама сега не е така, сега ме ужаснува онаа помисла на оние идиотски споменици кои се нарекуваат „Скопје 2014“, сите оние спортски сали што ќе зјаат – и зјаат празни преку целата години, сите оние тешки милиони фрлени во гротескни идиотштини, само за да се полнат џебовите на новопечените „градежни-урбани“ мафиози кои од ден на ден стануваат се побогати.
Ова се аргуметите зошто малиот, односно – сиротињата ќе се’ сече по џебот, а искомплесираните лудаци кои сеуште неможат да ги реализираат своите детски соништа ќе ги пупмаат своите месести облини со некакви инекции за липосукција на газеви, гради или носеви, и што ти ја знам.
Е затоа, драги мои, министерот за здравство, нема да ви го каже тоа што треба да ви го каже:
„Aко немате пари – лелекајте; ако сте болни од бронхо-пневмонија – офкајте и кашлајте; ако треба да ви вградат стенд – продадете ја нивата; a ако пак сте болни од рак на било што – продадете ја куќата.“